Најмалку 18 лица загинаа, а десетици се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала што вчера ја погоди југозападна Јапонија. Властите предупредуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи сè уште се трага по исчезнати лица.
Земјотресот ја погоди префектурата Кумамото на островот Кјушу и достигна Шиндо 7, највисокото ниво на јапонската скала за сеизмички интензитет, соопштија локалните власти.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изрази сочувство до семејствата на загинатите и порача дека Владата ќе ги стави на располагање сите ресурси за спасување на што е можно повеќе луѓе.
„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите“, рече Такаичи, додавајќи дека владата се подготвува да испрати храна и други неопходни залихи во најпогодените подрачја, објави „Џапан тајмс“.
Според локалните власти, најмалку 62 лица се повредени, од кои шест се во тешка состојба. Без електрична енергија останале речиси 34.900 домаќинства, околу 15.000 се без вода, а повеќе од 8.800 жители се евакуирани во над 400 засолништа.
Дополнително, најмалку четири лица загинаа при уривање на трговски центар во градот Кашима, откако експлозија ја разурнала зградата. Властите истражуваат дали причина за несреќата била експлозија на гас, бидејќи спасувачките екипи пријавиле мирис на гас во објектот.
Во потрагата по преживеани се вклучени стотици спасувачи, меѓу кои припадници на Јапонските сили за самоодбрана, пожарникари и полицајци.
