Обединетите нации соопштија дека израелски тенкови нападнале огромен комплекс во Газа каде се сместени раселените Палестинци, предизвикувајќи „масовни жртви“. Израел негираше дека неговите сили се одговорни и сугерираше дека Хамас можеби го започнал гранатирањето.
Нападот, за кој Обединетите нации соопштија дека го погодил центарот за стручна обука во кој се сместени 30.000 раселени лица во Кан Јунис, главниот град во јужниот дел на Газа, наиде на невообичаено отворена осуда од Соединетите држави.
„Има масовни жртви, некои згради горат и има извештаи за загинати. Многу луѓе се обидуваат да побегнат од местото на настанот, но не можат“, изјави хуманитарниот координатор на ОН за палестинската територија Џејмс Мекголдрик.
Томас Вајт, директор за прашања на Газа на агенцијата за бегалци на Обединетите нации УНРВА, рече дека два тенкови погодиле една од зградите на центарот, каде што се засолниле околу 800 раселени лица. Најмалку девет лица загинаа, а 75 се повредени. Шефот на агенцијата, Филипе Лазарини, рече дека бројот на загинати е веројатно поголем.