Утрово најниска температура во земјава е измерена во Тетово, каде живата на термометарот се спушти до шест степени. Во Скопје, Берово, Крива Паланка и Охрид се регистрирани седум степени, во Битола осум степени, во Виница и Демир Капија девет, додека најтопло било во Струмица со измерени 10 степени.

Во однос на водениот талог, најмногу дожд наврна во Охрид со 27 литри на квадратен метар, по што следат Демир Капија со 19, Битола со 17, Берово со 15, Струмица со 11, Крива Паланка со 10, Виница со девет и Тетово со наврнати шест литри на квадратен метар.

Времето во текот на денешниот ден ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 30 литри на квадратен метар за 24 часа, додека на планините ќе врне снег. Во попладневните часови, под влијание на продор на постуден воздух од север, врнежите на некои од повисоките места ќе преминат во снег. Ќе дува умерен, а наместа во североисточните делови и долж Повардарието повремено засилен до силен северен ветер, при што максималната дневна температура ќе се движи во интервал од 8 до 12 степени.

Во Скопје времето ќе се задржи облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта постојат услови врнежите од дожд да преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој во делови од котлината повремено ќе засилува, а максималната дневна температура ќе достигне до 8 степени.