Во 147 подрачни училишта лани немало ниту еден запишан ученик

Владата презема мерки за наставниците да ги задржат работните места и покрај континуираното намалување на бројот на ученици во државата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на собраниската седница за пратенички прашања.

Таа посочи дека дел од решенијата се воведувањето едносменска настава и продолжен престој во училиштата, со што наставниците би добиле дополнителни активности, полн фонд часови и редовна плата.

„Владата прави напори преку конкретни политики и мерки за сите наставници да ги задржат работните места, и покрај тоа што бројот на ученици значително е намален во изминатите години, а лани во 147 подрачни училишта воопшто и не се запишале ученици. Меѓудругото, затоа и воведуваме едносменска настава и продолжен престој во училиштата, со цел наставниците да имаат дополнителни активности, полн фонд на часови и да добиваат целосна плата. Во ова ни помагаат нашите големи партнери УНИЦЕФ и Светска банка“, рече Јаневска.

Темата беше отворена по пратеничко прашање поврзано со состојбата со наставниот кадар во Дебар и реакциите околу оптимизацијата на училишната мрежа.

Бројот на ученици опаѓа, а наставниот кадар се зголемува

Министерката презентираше податоци според кои во последните две децении бројот на ученици значително се намалил, додека бројот на наставници пораснал.

„Во период од малку повеќе од 20 години, бројот на ученици се намалил за 28%, додека во истиот период бројот на наставници се зголемил за 46%. Како резултат на тоа, националниот просек се намали од 18 ученици по наставник на 11,4 ученици по наставник, во споредба со просекот на ОЕЦД од 15 ученици по наставник“, изјави Јаневска.

Таа додаде дека поради ваквата состојба, во голем број општини речиси сите средства за образование се трошат за плати.

Според неа, во одредени општини и до 100 проценти од блок-дотациите завршуваат за исплата на плати, што остава многу мал простор за вложувања во училишна инфраструктура, опрема и професионален развој.

Иселувањето влијаеше врз бројот на ученици

Јаневска оцени дека намалувањето на бројот на ученици е поврзано и со иселувањето во изминатите години.

„Лошите политики на претходната Влада имаат голем удел во намалувањето на бројот на ученици. Кога во претходните 7 години младите требало да планираат и развиваат семејства тука, тие одлучуваа да заминат надвор или да го одложат градењето семејство. Дури и цели оформени семејства ја напуштаа татковината“, рече министерката.

Таа додаде дека во дел од општините веќе се забележуваат промени.

„Додаде дека колку и да се потсмева некој сега, факт е дека во последните две години има менување на ситуацијата во неколку општини“, посочи Јаневска.