Расправија во Собранието за раководните позиции во МВР
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на собраниската седница за пратенички прашања порача дека во Министерството за внатрешни работи кадрите не се избираат според етничка припадност, туку според професионалноста и стручноста.
Пратеничката од ДУИ, Арбана Пашоли, побара одговор за застапеноста на Албанците на раководните позиции во западниот дел од државата. Таа изрази загриженост дека во одредени структури нема Албанци на раководни функции, посочувајќи дека претходно постоеле и раководители и заменици од албанската заедница.
Тошковски возврати дека пратеничката изнесува неточни информации и ја обвини дека ја манипулира јавноста.
„Еве поминаа колку месеци, три четири, пет, ништо не е сменето. Во најмала мера неточни се информациите. Неточна ви е тезата дека Албанците биле деградирани. Зошто не кажете за РЦ Север, кој има повеќе вработени, зошто не кажете дека таму никогаш немало Албанец на раководно место, еве сега има“, рече Тошковски.
Верувам во стручност, а не во етнички клуч
Министерот ја праша пратеничката дали при избор на лекар гледа националност, потенцирајќи дека за него најважни се професионалноста и способноста на кадарот.
„За првпат во историја на Македонија началник на РЦ Север е Албанец. РЦ Север има многу повеќе поголема надлежност РЦ Запад, многу поголема територија контролира, многу повеќе полициски службеници работат таму“, кажа Тошковски.
Тој посочи и податоци за етничката застапеност во управните служби и во Тетово, нагласувајќи дека не смее да се деградираат професионалци само за да се исполнуваат проценти.
Пашоли оцени дека не добила конкретен одговор и остана на ставот дека постои проблем со застапеноста на Албанците во дел од раководните позиции.
Во 147 подрачни училишта нема ниту еден ученик
Во второто пратеничко прашање, Пашоли ја праша министерката за образование Весна Јаневска за процесот на оптимизација во училиштата, особено во Дебар, и дали општините, училиштата и синдикатите биле навремено информирани.
Јаневска одговори дека процесот се спроведува во соработка со Светска банка и УНИЦЕФ и дека оптимизацијата е неопходна поради состојбата во образованието и намалениот број ученици.
„Во период од малку повеќе од 20 години бројот на ученици се намали за 28% додека во истиот период бројот на наставници се зголемил за 46%. Како резултат на тоа националниот просек се намалил од 18 ученици на 11,4 ученици по наставник. Во споредба со просекот од 15 ученици по наставник ова доведува до вишок на наставен кадар од околу 13 проценти. Финансиските последици се значајни затоа што во огромен број на општини 90 некаде и 100 проценти од блок дотациите се трошат само за плати на наставниците“, рече Јаневска.
Министерката истакна дека во 147 подрачни училишта годинава нема запишано ниту еден ученик и дека во некои општини речиси целите блок-дотации се трошат само за плати.
Пашоли изрази стравување дека со оптимизацијата дел од наставниците би можеле да останат без работа.
