-Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено.- Предлог закон за административни службеници
За законот кој е на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација дел од стручната јавност смета дека нема транспарентност во неговото изготвување. Универзитетската професорка Ана Павловска Данева вели:
-Јавноста нема на увид анализи врз кои почиваат предложените решенија како на пример тоа за четиричасовно работно време на административците во петок. Никој не најавил менување на законот и никој од Правниот факултет не е вклучен никогаш досега немало понетранспарентен процес на подготовка на ваков клучен закон кој опфаќа огромна категорија на граѓани.- Ана Павловска Данева – Универзитетски професор.
Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија велат дека барале со закон да се скрати работното време, но не само во петок и четири часа одеднаш.
Пред десетина дена министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се сретна со претседателката на ДКСК Билјана Ивановска при што ги претстави измените и новите закони за висока раководна служба, за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници при што порача дека овие закони директно влијаат на целосната деполитизација на државната администрација. Инаку предлогот е на ДУИ во програмата за парламентарните избори од минатата година кога образложуваа дека целта е граѓаните да имаат повеќе време да се посветат на семејството па така да се зголеми нивната продуктивност на работните места.