До Народниот правобранител се поднесени претставки од граѓани во врска со патните документи кои мора да се сменат со новото име на државата до 12 февруари годинава. Претставките главно се однесувале на неможноста да се закаже термин и за надоместокот за трошоци за обновување на документите. По нова година пристигнале и претставки дека граѓаните не можат да ги добијат документите во рок од осум дена.

Народниот правобранител Насер Зибери во интервју за „Радио Слободна Европа“ најавува дека ќе побараат одговор од МВР зошто се доцни со издавањето на документите. Тврди дека има недостиг на обрасци за двојазичните патни исправи, а мисли дека има недостиг и на обрасци за другите документи.

Овие претставки почнаа да пристигнуваат по Нова година и ние ќе се обратиме до МВР зошто се доцни со издавање на веќе изготвените, претпоставувам дека се изготвени тие патни исправи и ќе реагираме. Во одредени неофицијални разговори добив информација дека има недостаток на обрасци. Со сигурност тврдам дека има недостаток на обрасци за двојазични патни исправи, но мислам дека има недостаток и на обрасци за други документи, вели Зибери.