Народниот правобранител во Годишниот извештај низа забелешки за повреда на правата на граѓаните. Според него најмногу претставки има за образованието и претресот во затворот во Идризово.

Насилно однесување на полицијата кон затворениците, непочитување на потрошувачките права, кршење на правото на подеднакво образование, наплата при вадење на нови патни исправи и покрај тоа што не е по вина на граѓаните се дел од претставките кои ги истакна Народниот правобранител Насер Зибери.

Зибери во неговиот извештај негира дека затворениците дале отпор. Затворски раководни лица за Телма велат дека треба да се земат предвид изјавите и на затворската служба, бидејќи и десетммина полицајци настрадале при претресот, а биле и спречени да си ја вршат работата.

Годишниот извештај на народниот правобранител констатира и прекршување на правото на образование за учениците што не ги добија навреме свидетелствата, учебниците, а прекршени права се констатирани за учениците во Гази Баба, Велес и во Чашка, каде што на некои ученици не им било дозволено образование на мајчин албански јазик. Тешка година и за граѓаните кои чекаат да добијат лични документи по основ на имот, а решението го чекаат со законските измени во собрание кои повеќе од една година чекаат да дојдат на ред.

Особено неповолна 2023–та година ја оцени за детските права, чие прекршување годинава заврши со одземениот живот на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

„Според нивните искази, затворениците насила биле вадени од креветите во кои спиеле, биле тепани иако не давале отпор. Потоа биле врзани и извадени во ходниците, каде што биле оставени да клечат со врзани раце. По кажување на затворениците, тие биле принудени да ги исчистат просториите од искршените предмети при претресот и дејствувањето на полицијата и при спроведување на акцијата за собирање и чистење повремено биле удирани од полицијата. Од увидот кај осудените лица беа констатирани видливи повреди и со нивна согласност обезбедени се фотографии, а од целиот настан обезбедена е видеоснимка“, рече Зибери.

Зибери навести дека ќе иницира кривични пријави за тортура и за припадниците на специјалните полициски сили и за затворските полицајци кои учествувале во претресот во затворот Идризово во октомври кога употребиле прекумерна сила, ги мачеле затворениците кои веќе биле совладани. Според тогашното соопштение на МВР во рацијата за претрес во затворот Идризово имало физичка пресметка во која биле повредени 10 полицајци и најмалку десет повредени осуденици. При претресот биле најдени над 80 парчиња ладно оружје, мобилни телефони и дрога.

Собранието продолжува со праксата да го одложува разгледувањето на пленарна седница на Годишниот извештај за степенот на обезбедување, заштитување и унапредување на човековите права и како резултат на тоа мерките за спроведување на општите препораки на Народниот правобранител не се усвојуваат на крајот од годината и не даваат никаков ефект, вели Зибери.