Ниту една претставка не пристигнала на адреса на Народниот правобранител во земјава за извидничкиот „секс-скандал“ кој веќе е под истрага.

Сепак, Омбудсманот земајќи ја предвид сензитивноста на целиот случај, на своја иницијатива веќе отворил предмет за настанот кој се случил минатиот викенд и на кој било барано од постари малолетници да глумат секс пози, да симулираат секс, да се соблекуваат, објави Телма.

„Факт е дека се работи за ученици, за деца коишто согласно Конвенцијата за правата на детето и согласно законската регулатива треба да бидат заштитени од било каква злоупотреба особено кога се работи за деца на чувствителна возраст и за коишто треба особено внимание што сепак го отвара прашањето за вклучување на други органи во конкретниот случај заради обезбедување на соодветна поддршка за надминување на евентуалните трауми,“ Васка Бајрамовска-Мустафа – Заменик на Народниот правобранител.

Од детската амбасада „Меѓаши“ побараа од Обвинителството што поскоро да даде информации за случајот и повикуваат на кривична одговорност. Одговорност да има за организаторите, да се повикаат на одговорност и финансиерите кои дале средства за одржување на настанот, но и да се запрашаат родителите како одобриле присуство на децата на настанот и какви информации имале за истиот, велат од „Меѓаши“.

Прва детска амбасада „Меѓаши“: „Бараме Јавното обвинителство најитно и темелно да го расчисти случајот бидејќи постојат сериозни индиции дека станува збор за кривично дело во кое децата се жртви на манипулација и злоупотреба. Воедно ги охрабруваме дојавувачите да бидат во што поголем број и да се дознае вистината.“

Уште вчера имаше информација од Министерство за внатрешни работи дека во вторникот, родител на дете учесник во кампот поднел пријава во полиција. Известено е и Обвинителството, по чиј налог се повикани на разговор одговорните лица во извидничкиот одред. Град Скопје соопштија дека се оградуват од активностите на кампот како досегашни соработници со Првиот скопски извиднички одред и веќе ја прекинаа соработката. Додека, пак, организаторите соопштија дека погрешно биле протолкувани активностите кои се одвивале на педесетина километри од центарот на Скопје.