Вооружени напаѓачи убиле најмалку 140 луѓе во неколку напади оваа недела во државата Замфара во северозападна Нигерија, изјавија денеска локалните жители за агенцијата Франс прес.

-Закопавме вкупно 143 лица убиени од бандити во тие напади, рече еден од тие локални жители, Балараб Алхаџи, водач на едно од селата во државата Замфара каде се случија нападите.

Властите се уште не го потврдиле овој биланс.

Стотици вооружени мажи на мотоцикли извршија напади во десет села во областите Анка и Букујум во средата и четвртокот, отворајќи оган врз локалното население, ограбувајќи и палејќи куќи, изјавија за АФП жителите на тие места.

Еден од жителите на селото Курфа Дања, Бабанди Хамиду, изјави дека овие вооружени лица, кои локално ги нарекуваат бандити, пукале во сите што ги виделе во селото.

-Повеќе од 140 луѓе се закопани во тие десет села и се трага по други тела бидејќи многумина се водат како исчезнати, рече Хамиду.

Жител на друго село, Иди Муса, рече дека бројот на жртвите е огромен и наведе бројка од 150 луѓе убиени од бандити. За истиот биланс зборуваше и четвртиот жител.

Четворицата локални жители изјавија дека присуствувале на погребите на жртвите во нивните села.

Северозападниот дел и центарот на Нигерија во последните неколку години беа цел на криминални банди кои напаѓаат, ограбуваат и киднапираат селани и им крадат стока и палат куќи.