Градскиот суд во Софија ѝ одреди притвор на 39-годишната жена која избоде четири лица во два одделни напада во бугарската престолнина. Таа е осомничена за обид за убиство.
Пред да влезе во судницата, осомничената изјавила дека „не ги сака Германците“, а сите нападнати лица се германски државјани.
Според обвинителството, на 26 март жената најпрво нападнала двајца мажи во близина на Националниот стадион „Васил Левски“ и им нанела тешки повреди. Станува збор за лица на возраст од 63 и 65 години, кои биле избодени во горниот дел од телото.
Кратко потоа, во втор инцидент, нападнала уште две жени во автобус на градскиот превоз. Тие се на возраст од 26 и 30 години и се здобиле со убодни рани на рацете.
Од болницата „Пирогов“ соопштија дека повредените не се во животна опасност.
Осомничената пред судот побарала да се земе предвид дека е „совесен граѓанин“ и дека делото, според неа, било извршено „во интерес на општеството“. Обвинителството побара мерка притвор, која судот ја прифати.
