Искрено, не паметам кога за последен пат сме имале состојба на толку голем дилетантизам во водењето на економските политики во земјава од страна на една влада како што е тоа во моментов. Премиерот ветува покачување на платите, а неговиот министер за економија планира инфлацијата која подолго време громко тропа на врата и ги празни џебовите на граѓаните, за да ја скротува со замрзнување на цените, а не кажува кои цени!
Вака Трајко Славески, поранешен министер за финансии и министер за развој, за Плусинфо ги коментира владините политики во областа на економијата и финансиите, како и најавата за замрзнување на цените, којашто предизвика интерес во јавноста.
–Прво, и на лаиците им е сосема јасно дека едното со другото не оди. Земји кои во минатото – би додал, во подалечното минато – биле соочени со галопирачка инфлација, доколку се одлучиле да посегнат по вака драстични мерки, истовремено вршат замрзнување и на платите и на цените. Ова беше честа практика во поранешната СФРЈ, а во инфлаторните 1970-ти години од минатиот век, замрзнување на платите и цените применија дури и некои развиени земји, како САД, Велика Британија и други.
Но, ова е веќе минато, вели професорот Славески. Тој го споделува личното искуство за тоа како владата во која тој беше ресорен министер се справи со ценовните шокови на светските берзи на храна и на енергија во 2007 и 2008 година.
– Го заштитивме стандардот на граѓаните. Тие не ја почувствуваа инфлацијата. Не ни помислувавме на замрзнување на цените, мерка која повозрасните меѓу нас ја паметат од времето на претходниот систем, како крајно неефикасна. Слична ситуација, со уште поголем пораст на цените на житарките на светските берзи, имавме и во летото 2007 година. Мелничарите, пекарите и производителите на масло за јадење најавија зголемување на цените на лебот и зејтинот. Има еден институт што го практикуваат министри и гувернери на централни банки, што се нарекува moral suasion. Направив список на сите производители на овие производи од цела Македонија и со секого разговарав поединечно, со барање да не ја зголемуваат цената. Ги убедував дека состојбата е транзиторна, т.е. привремена, до почетокот на декември, кога стигнува жетвата во јужната хемисфера, со што ќе се стабилизираат цените на суровините на светските берзи. Ме послушаа. Така и се случи, за неколку месеци состојбата се стабилизира и успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните – раскажува Славески.
Кога не умеете на вистински начин да спречите висока инфлација, замрзнувањето на цените доведува до празни рафтови во маркетите и редици за леб, млеко, масло за јадење и за други продукти, предупредува тој и заклучува:
– Водењето на економската политика, особено во турбулентни времиња, е работа за вистински професионалци.