Не помина потребата за носење на Законот за амнестија по скратена постапка. Од пратениците, само 15 гласаа „за“, 66 гласаа „против“, а 3 беа воздржани.

Со ова, спикерот на Собранието, Талат Џафери констатираше дека предлогот на Владата не е усвоен.

Ова значи дека засега нема да има амнестија на затвореници, како што предлагаше министерот за правда, Кренар Лога.

СДСМ уште пред почетокот на седницата најави дека ќе гласа против потребата да се донесе Закон за амнестија со кој ќе бидат опфатени и осудените од случајот „Монструм“ за Смилковското Езеро. Тие отворено кажаа дека оправдувањето на Лога дека со законот ќе се растеретат затворите – не е издржано.

Лога, според вчерашното ветување, денеска на пратениците им подели фотографии кои ја отсликуваат состојбата во затворите. На албумот со фотографии беше залепено и огледало, за пратениците да се погледнат себеси пред да гласаат.