Девет млади лица вчеравечер биле пренесени на инфективното одделение во Гостивар поради симптоми на труење со храна.

Како што информира за Gostivarpress.mk инфектологот д-р Ратко Наумоски, во моментот на хоспитализацијата кај неколкумина од нив симптомите биле посериозни, но по добиената терапија сите во подобрена и стабилна состојба се пуштени дома.

„Првиот пациент беше примен во 21.45 часот, хоспитализиравме вкупно девет. На сите им беше дадена соодветна терапија и до утрово во стабилна состојба се пуштени на дома. Пациентите имаа симптоми на труење со повраќање, дијареа, грчеви во стомакот и малаксаност, за среќа успеавме да ги рехабилитираме сите.“, изјави д-р Наумоски.

Екипа од Центарот за јавно здравје зела примероци за испитување и извршила анкета со пациентите, по што ќе се утврдува причината за труењето. Лицата конзумирале храна во локал во Гостивар.