Основниот кривичен суд одреди мерка притвор за шест лица, куќен притвор за четири, додека на деветмина им се изречени мерки на претпазливост во рамки на обемната акција за организиран криминал поврзан со нелегален увоз и дистрибуција на медицински препарати.

Од судот соопштија дека обвинителството првично поднело 11 предлози за притвор, но по сослушувањето, за две лица барањето било преиначено во куќен притвор. Судот прифатил едно од тие барања, додека за другото лице наместо куќен притвор изрекол мерки на претпазливост.

За останатите девет осомничени за кои бил побаран притвор, судот одобрил шест, а за тројца определил куќен притвор.

Вкупниот биланс од постапката е: шест лица во ефективен притвор, четири во куќен притвор и девет со мерки на претпазливост.

Акцијата беше спроведена на 23 април од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на обвинител од ОЈО ГОКК, и опфати повеќе градови – Скопје, Струмица и Битола. При тоа беа извршени претреси на повеќе локации и приведени 14 лица.

Според истрагата, осомничените делувале во организирани криминални групи кои набавувале и дистрибуирале нелегални медицински препарати – ботокс, филери и други средства – без одобрение, без декларации и без соодветна контрола од надлежните институции.

Во претресите биле пронајдени и одземени значителни количини медицински препарати, 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци, 26.000 денари, луксузно возило „Порше“, мобилни телефони, парфеми и други предмети.

Обвинителството поднесе кривични пријави против 19 физички и шест правни лица за дела како злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.

Истрагата укажува дека фалсификуваните препарати биле набавувани од Србија, Кореја и Турција, нелегално внесувани во земјата, а потоа складирани, дистрибуирани и користени при естетски интервенции, со што била создадена сериозна опасност по здравјето на граѓаните.

Во случајот е опфатен и царински службеник, осомничен дека примил поткуп за да овозможи влез на нелегалната стока без соодветна контрола.

Постапката продолжува, а од обвинителството најавуваат дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.