Шокантни обвинувања за злоупотреба на службите
Премиерот Христијан Мицкоски обелодени сериозни обвинувања за злоупотреба на безбедносните служби, тврдејќи дека бил нелегално следен од претходната власт. Според него, целта на следењето била да се креира слика дека тој е лидер на паравоена формација, што го оцени како намерна манипулација за политички цели.
-
„Она што сакам да споделам со јавноста е дека овие документи, извештаи, или дебрифинзи, како и да ги наречеме, биле подготвени на самиот почеток од 2020 година, која беше изборна година,“ рече Мицкоски.
Зошто информациите биле прикриени?
Мицкоски го постави прашањето зошто овие наводи не биле доставени до надлежните институции. Според него, тоа е резултат на политички мотивирана злоупотреба, бидејќи во 2020 година технички министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев.
- „Замислете, една од службите за безбедност – поради оправдани причини нема да наведам која е – поседува податоци кои ме претставуваат како организатор, спонзор и инспиратор на вакви терористички структури, вооружени, а при тоа, овие информации не ги споделиле со Министерството за внатрешни работи,“ изјави тој.
- „Ова беше начин да се оправда физичкото следење на водачот на најголемата политичка партија во тој период – ВМРО-ДПМНЕ – користејќи монтирано сценарио,“ нагласи премиерот.
Подготвени реформи во разузнавачкиот сектор
Во одговор на прашањето за реформите во безбедносниот систем, Мицкоски најави обединување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, нагласувајќи дека процесот ќе биде комплексен и дискретен.
- „Ние активно работиме на обединување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. Ова не е нешто што ќе биде завршено брзо, ниту пак целиот процес ќе биде јавен, но штом сè е подготвено, ќе биде организирана јавна расправа,“ додаде тој.
- „Реформите кои ги подготвуваме следат слични примери од земји-членки на НАТО, како Словенија и Хрватска. Потребно е време, но тие ќе донесат значајни подобрувања во нашиот безбедносен систем,“ заклучи Мицкоски.
Одговорност за нелегално следење
Мицкоски побара од Јавното обвинителство итна реакција на изнесените докази. Според него, ваквите злоупотреби претставуваат грубо кршење на човековите права и загрозување на институционалниот интегритет.
-
„Сè друго оставам на Јавното обвинителство, за да видиме дали тие ќе слушнат за ова и дали ќе се заземат соодветно,“ изјави Мицкоски.
Потреба од транспарентност во институциите
Мицкоски ја истакна важноста од реформирање на разузнавачките и контраразузнавачките служби, бидејќи нивната работа мора да биде во служба на граѓаните, а не на политички интереси.