Нелоски смета дека во овие месеци аерозагадување не е тема само во зимскиот период туку треба да биде преку целата година. Тој вели дека потребни се реформи, проекти и активности во насока на намалување на загадувањето, вистински проекти. Нелоски праша до каде е т.н. гасификација која што требаше да го гасифицира Скопје и да нема домакинство коешто нема да се грее на гас.

– До каде се кулите што ги ветуваа за прочистување во повеќе општини во Скопје? Зелените кровови коишто ги најави Петре Шилегов. Видовме само два коишто се многу скапи, а не се баш зелени? Каде се зелените фасади коишто беа најавени?, праша Нелоски.

Во однос на зградата којашто треба да никне кај Холидеј Ин, Нелоски, потсети дека запирање на бетонизацијата во Скопје, беше едно од ветувањата на СДСМ во 2017 година. Според него, посочената зграда кај Холидеј Ин може да почне да се гради и пред локалните избори.

– Ако успеат да го замолчат сопственикот на гтоа земјиште до локални избори, за да не се направи револт кај луѓето, после локални избори сигурно ќе се гради, бидејќи СДСМ да сакаа нешто навистина да направат во однос на Холидеј Ин, Треска, Расадник, во Ѓорче Петров се гради на секој чекор, ќе направеа нешто, смета Нелоски.

Според него, не треба да се стави крај на урбанизацијата, бидејќи општините живеат од комуналии, но мора да се стави ред на градежното дивеење во градот.

– Треба да се направи план којшто долгорочно ќе се знае, каде, што, колку, како ќе се гради. Ние во Скопје имаме аверзија кон самата градба, но мора градот да се развива и општините да се развиваат, но тоа треба плански да биде направено и да придонесе квалитетот на животот да биде на високо ниво, вели Нелоски.