Новата еколошка такса која ќе почне да се применува на 01.07 во буџетот за половина година треба да внесе дополнителни 27 милиони евра. Таа ќе изнесува 3,5 денари на литар гориво и според анализите и на коморите и на синдикатите ќе придонесе цените на сите производи дополнително да растат.

За коморите освен повисоки цени, новата давачка ќе има и други негативни ефекти посебно затоа што се воведува во услови на најтешка економска криза и без никаква најава и дебата.

„Одржливост и стабилност на даночниот систем може да се постигне единствено со однапред планирани решенија за кои ќе има доволно време и соодветни услови за имплементација. Воведување на ад хок решенија создава непредвидливост и несигурност кај стопанството што директно негативно влијае на намалување на деловната активност“, велат од ССК.

Oпозицијата денеска уште еднаш го повтори својот став против новата еколошка такса. Според ВМРО ДПМНЕ поскапувањата на горивата и струјата се доказ дека граѓаните ќе плаќаат за потрфлањето на власта во економијата.

„Јас повеќе би рекол дека е данок во крв отколку еколошка такса, затоа што се цица крвта од македонскиот народ и од граѓаните на Македонија. Затоа што поскапувањето на бензинот и на дизелот за 4 денари ќе удри по џебот на секое семејство и директно за сите кои имаат автомобили, но и индиректно затоа што ќе поскапи транспортот, а со тоа и производството на многу производи почнувајќи од лебот, продолжувајќи преку основните намирници“, вели Александар Николоски, ВМРО ДПМНЕ.

Дека нема простор за отстапки од новата давачка поврдува и тоа дека таа е веќе вкалкулирана во ребалансот на буџетот кој на матината комисија за финансирање и буџет ќе се најде на 01 јули.

Ставот на Владата е дека таа ќе придонесе за помало загадување, а нема да предизвика инфлација затоа што цените на горивата во земјава и натаму ќе останат најниски во Европа, а стопанството добива поддршка од државата за еколошката таска да нема негативно влијание на нивното работење.