Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги отфрли наводите изнесени во соопштението на организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“. Таа категорично негира дека Министерството за финансии интервенирало во работата на Народната банка или влијаело врз нејзините одлуки.
Во реакцијата објавена на социјалните мрежи, Димитриеска-Кочоска оцени дека изнесените тврдења се целосно неточни и неосновани, претставувајќи обид за манипулација и доведување на јавноста во заблуда. Таа нагласи дека институцијата во ниту еден момент не презела чекори надвор од своите законски овластувања.
„Како министер за финансии, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии во ниту еден момент не интервенирало во активностите кои се во надлежност на Народната банка, ниту, пак, влијаело врз нејзините одлуки“, наведува Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска посочува дека одлуките поврзани со супервизијата и преземањето мерки во однос на работењето на банките се исклучиво во надлежност на Народната банка, која постапува согласно законските овластувања и професионалните стандарди.
