СДСМ нема да поддржи ниту еден кандидат во вториот круг од изборите за градоначалник на Брвеница. Одлуката за изборот на нов раководител на локалната самоуправа целосно им се препушта на самите граѓани, објави лидерот на партијата Венко Филипче во интервју за Алсат М телевизија.

Филипче детално го образложи партискиот став по состанокот на највисокото раководство, подвлекувајќи дека нема да влегуваат во политички договори зад затворени врати.

Нема пазарења со никого, нема непринципиелни коалиции. Ќе оставиме граѓаните да одлучат по сопствено убедување. Затоа вчера имавме и состанок на раководството на партијата. Апсолутно не мислам дека треба да се прават непринципиелни коалиции.

Во своето обраќање тој се осврна и на актуелната состојба во партиските редови, нагласувајќи дека според внатрешните анализи на партијата се бележи раст на поддршката за СДСМ и зголемување на бројот на гласови во споредба со претходната година.