Првите луѓе на синдикатите во одбраната и Армијата, откако министерот за одбрана соопшти за покачување на платите, истакнаа дека се горди на постигнатото. Тие посочија дека се донесени низа решенија во нивна корист и дека станува збор за значаен успех во социјалниот дијалог.

Никој не застанува зад повикот на Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници на 7 ноември да се организира протест. Ниту репрезентативните синдикати, ниту професионалните војници нема да излезат на улица бидејќи своите права ги бараат и ги остваруваат преку разговори и институционални преговори.

„И во самата изјава која тој ја даде, кога стоеше пред Влада, ниту еден професионален војник не го поддржа, ниту еден не беше застанат позади него. Сите беа постари лица кои завршиле со Армијата и се пензионирани лица. Сите земаат пензија. Ниту еден професионален војник не стоеше до него или позади него. Никој не го поддржува“, рече Аднан Алити, претседател на Независниот синдикат на професионалните војници на Македонија.

Синиша Станчевски од Независниот синдикат на одбраната зборуваше за досега постигнатите резултати и посочи дека вака изгледа вистински социјален дијалог.

„Како репрезентативен синдикат, се гордееме со постигнувањата што ги постигнавме во овој период. Со помош на министерот и премиерот на Владата успеавме да овозможиме 10% зголемување на примањата од 1 јануари. Исто така, успеавме на лицата кои наполнуваат 45 години старост да им овозможиме достоинствено да останат во Армијата. Овие реформи не би можеле да се случат без залагањето на министерот. И мислам дека со вакво работење ќе успееме и во уште подобри достигнувања“, рече Станчевски.

Од овие синдикати посочуваат дека тврдењата и барањата за протест на Насковски не се точни и дека тој зборува за прашања што се веќе системски уредени.

„Согласно со член 40 од Законот за служба во Армијата, имаме две ставки, каде што професионалните војници по 45 години старост можат да засноваат работен однос во Министерството за одбрана или да се префрлат во друга институција, што е едно право, и каде што ги уживаат сите права да излезат во пензија или да земат отпремнина. Лично господинот Александар Насковски одбрал отпремнина и земал над 30.000 евра, што тој доброволно го избрал. Сега, може тој ги потрошил парите. Тоа е негов личен проблем, но не може, на пример, неговите лични проблеми тој да ги пренесе на професионалните војници. Ние како репрезентативен синдикат на ниво на професионални војници, не го поддржуваме тој протест, бидејќи законски тоа е решено“, рече Алити.

Претставниците на репрезентативните синдикати порачуваат да не се подлегнува на манипулации од поединци и потврдуваат дека нема да учествуваат во најавениот собир.