Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево преку објава на својот Фејсбук профил остро ги демантираше информациите дека Владата или Министерството воделе разговори со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти на територијата на Македонија.

„Во целост ја отфрлам дезинформацијата дека Владата или Министерството за надворешни работи и надворешна трговија разговарале или склучиле било каков договор со Обединетото Кралство за прифаќање мигранти. Такво нешто не постои – ниту како иницијатива, ниту како политичка намера,“ напиша Муцунски.

Тој нагласи дека ваквите тврдења се „неосновани, штетни и искористени за дневнополитички поени“, додавајќи дека Македонија и Велика Британија имаат стратешко партнерство, кое се темели на взаемна доверба и соработка, а не на шпекулации и сензационализам.

„Наместо ширење лажни вести, очекуваме сите политички чинители да се држат до фактите и да покажат минимум одговорност. Ваквите изјави, за жал, се израз на целосно непознавање на состојбите и на тековните дипломатски ангажмани на државата,“ порача Муцунски.

Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара од министерот најдоцна до утре јавно да објасни дали се водат разговори со Велика Британија за лоцирање мигранти во земјава.

„Министерот Тимчо Муцунски треба да каже дали разговара за тоа мигранти да се носат во нашата земја. Треба да каже има ли тоа некаква врска со тој пакет со заемот од седум милијарди евра? Условена ли е Владата за тие пари, да го направи тоа?“ – праша Филипче, коментирајќи го текстот објавен во „Политико“, според кој Велика Британија е блиску до договор за отворање центар за враќање мигранти во една земја од Западен Балкан.

Муцунски не најави дополнителна прес-конференција, но неговата реакција беше јасна:
„Македонија нема никакви разговори со Британија за мигрантски центри.“