Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во гостување во Дневникот на телевизија Алсат истакна дека Извештајот од Европската комисија дава реален приказ на состојбите во Македонија. Тој се осврна на добиените пофалби, но и на забележаните слабости во документот на европските институции.

Милошоски изрази задоволство од проценките што Европската комисија ги наведува за работата на парламентот и носењето на законите од реформскиот пакет.

„По однос на собранието, ние сме задоволни од проценките на овој Извештај, затоа што, прво, се оценува дека Собранието работи ефикасно. Второ, по однос на Реформската агенда, поминавме многу закони коишто беа предвидени во Реформската агенда и гледаме дека тоа е забележано од страна на ЕК. По однос на законите со европско знаменце, ние ги поминуваме на Комисијата за европски прашања со една нормална динамика и тоа што би сакал да го нагласам, во Извештајот категорично пишува дека владејачкото мнозинство ниту еднаш не го злоупотребило методот на европско знаменце за некој закон, којшто е надвор од европската регулатива да го протне како закон којшто му е важен на владејачкото мнозинство“, посочи Милошоски.

Во врска со измените на Изборниот законик, Милошоски наведе дека тој процес се споменува како суштински дел од Реформската агенда, но посочи дека за него сè уште нема постигнато меѓупартиски договор.

„Според мене, тешко би било да се постигне консензус, затоа што една од главните опозициони партии, во случајов СДС и претседателот на СДС, Венко Филипче, ја одбија поканата на министерот Шасивари да се вратат во работната група и да водиме дијалог за консензуален закон за избори. Мотивите се политички кај претседателот на СДС, Венко Филипче“, рече Милошоски.

„Доколку не успееме да постигнеме консензус, веројатно ќе останеме со истиот Изборен законик, според којшто се спроведуваат овие претходни парламентарни, локални и претседателски избори“, додаде Милошоски.

Милошоски посочи дека Извештајот на ЕК претставува реална слика за напредокот и ги наброи областите каде што се евидентирани конкретни резултати и пофалби, како што се спроведувањето на Реформската агенда, усогласувањето на надворешната политика, безбедносната политика, одбраната и соработката со ЕУ, дигиталната трансформација, зголемувањето на електронските услуги за граѓаните, како и реформите во науката, истражувањето и иновациите.

Тој истовремено ги адресираше и забелешките што се нотирани во европскиот извештај, со посебен фокус на правосудниот систем и антикорупциските политики.

„Има одредени теми каде што има слабости. Една од тие теми е борбата против високата корупција и состојбите во правосудството, бидејќи имаме се уште низок процент на доверба и можеби послаба продуктивност. Тука би сакал да напоменам една работа. Прво, самиот правосуден систем не е систем на еден актер. Не може правосудството да биде оценувано само преку законите што ги носи Собранието. Тука улога има и Владата и Собранието и Јавното обвинителство и судиите. Еден систем на поврзани садови. По однос на Собранието, сметам дека имаме донесено прилично добри закони, коишто ги подобруваат состојбите во правосудството. Владата исто гледам дека вложува напори на тоа поле. Но, би сакал да напоменам дека има некои актери, можеби се поединци во судството, коишто ги рушат овие постигнати стандарди“, вели Милошоски.