Данската премиерка Мете Фредериксен остро реагираше и ја оцени претстојната посета на американска делегација на Гренланд како „неприфатлив притисок“ врз нејзината држава. Според Фредериксен, посетата која САД ја најавија претставува кршење на дипломатските процедури и отсуство на почит кон Гренланд и Данска.
Американската делегација која ќе допатува на Гренланд ја предводи советникот за национална безбедност Мајк Волц. Покрај него, дел од делегацијата ќе бидат министерот за енергетика Крис Рајт и Уша Ванс, сопруга на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Уша Ванс ќе биде присутна на натпревар со санки со кучиња во градот Сисимиут.
Премиерката Фредериксен остро и јавно реагираше дека ваквиот тип на посета е недозволив и политички некоректен:
„Не можеме да организираме приватни посети со официјални претставници на друга земја. Притисокот врз Гренланд и Данска во оваа ситуација е неприфатлив и ќе му се спротивставиме“, изјави Фредериксен.
На Гренланд во моментот е во тек процес на формирање нова влада. Таму неодамна се одржаа избори, на 11 март. Досегашната влада објави дека не планира да испраќа никакви покани за официјални или приватни посети во овој период. Во официјално соопштение на социјалните мрежи, тие апелираа до сите држави да ја почитуваат оваа преодна ситуација:
„Актуелната влада е преодна, додека се формира нова коалиција, и побаравме сите држави да го почитуваат овој процес“, стои во официјалната објава.
Мете Фредериксен потенцира дека најавената посета на американска делегација на Гренланд, која не е официјално поканета, претставува дипломатско непочитување и притисок:
„Кога организирате ваква посета, а лидерите на Гренланд велат дека не ја сакаат, тоа не е знак на почит“, порача Фредериксен.
Таа уште еднаш нагласи дека станува збор за „неприфатлив притисок“ врз Кралството Данска и дека официјален Копенхаген ќе реагира на оваа дипломатска постапка.
Посетата на американската делегација на Гренланд доаѓа во чувствителен политички период за островот. Формирањето нова влада и преодниот период се клучни причини за загриженоста на данската страна.
Данската премиерка Фредериксен инсистира дека САД треба да ја почитуваат автономијата на Гренланд и неговите институционални процеси. Taa јасно порача дека на секој обид за ваков притисок ќе му се спротивстави.