Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел и САД го убиле врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, и ги повика Иранците да „излезат на улиците и да ја завршат работата“. Иранските власти, пак, порачаа дека Хамнеи е жив.

„Постојат сè повеќе знаци дека тиранинот повеќе не е жив“, рече Нетанјаху без експлицитно да ја потврди неговата смрт. Тој додаде дека комплексот на Хамнеи е уништен, а командантите на Револуционерната гарда и високите нуклеарни функционери се убиени.

Претходно, иранскиот министер за надворешни работи изјави дека врховниот лидер и претседателот на земјата се живи „колку што ми е познато“. Порано попладнево, иранската телевизија Ал-Алам соопшти дека Хамнеи ќе се обрати, но таков говор не беше емитуван до доцна вечерва.

САД и Израел денеска го нападнаа Иран, таргетирајќи ги неговите врвни лидери и повикувајќи на соборување на владата, додека Иран одговори со ракети испукани кон Израел и соседните земји од Заливот.

Иранските медиуми објавија дека досега во нападите се убиени 201 лице и 747 повредени. Повикувајќи се на Црвената полумесечина објавија и дека нападите на САД и Израел погодиле 24 провинции во Иран.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека претседателот Доналд Трамп разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, Катар, ОАЕ и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, му пишал на Советот за безбедност на ОН, барајќи од 15-членото тело „да преземе итни мерки како одговор на ова нарушување на меѓународниот мир и безбедност“. Се очекува Советот подоцна да одржи итен состанок. Арагчи повтори дека Иран ќе продолжи да возвраќа со сите потребни средства и дека „сите бази, објекти и средства на непријателските сили во регионот ќе се сметаат за легитимни воени цели“.

Претседателот Доналд Трамп, кој во најголемата надворешнополитичка коцка од своето претседателствување ја започна војната против непријателот со кој Вашингтон се бори со генерации, рече дека нападите имаат за цел да се стави крај на безбедносната закана и да се осигури дека Иран не може да развие нуклеарно оружје. Тој ги повика иранските безбедносни сили да го положат своето оружје и ги покани Иранците да ја соборат својата влада откако ќе заврши бомбардирањето.