Полскиот премиер Туск ја оцени експлозијата како „невиден чин на саботажа“
Полскиот премиер Доналд Туск денеска ја осуди експлозијата на железничката линија Варшава-Лублин, која води кон украинската граница, оценувајќи го инцидентот како „невиден чин на саботажа“ и вети дека сторителите ќе бидат пронајдени.
„Кревањето во воздух на железничката линија Варшава-Лублин е невиден чин на саботажа насочен кон безбедноста на полската држава и нејзините граѓани“, напиша Туск на X. „Истрагата е во тек. Исто како и во претходните случаи од овој вид, ќе ги фатиме сторителите, без оглед на тоа кој ги поддржува“, додаде тој.
Експлозијата следеше по серија палежи, саботажи и кибер напади во Полска и други европски земји од почетокот на војната во Украина. Четири владини министри на прес-конференција потврдија дека има еден потврден и еден „многу веројатен“ случај на саботажа, осврнувајќи се и на оштетување на железничка влечна локомотива на друг дел од трасата.
Варшава претходно обвини Русија дека стои зад слични акции, иако Москва постојано ги негира овие тврдења. Во октомври, Полска и Романија привеле осум лица осомничени за заговор за саботажа во име на Русија.
„Оваа рута се користи и за транспорт на оружје во Украина“, рече Туск во видео обраќање. „За среќа, не се случи трагедија, но правните импликации се многу сериозни“, нагласи премиерот.
Министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш додаде дека армијата врши инспекција на 120-километарскиот дел од пругата кон границата со Украина. Министерот за внатрешни работи Марцин Киервински истакна дека на местото на настанот се собрале многу докази, што треба да овозможи брзо идентификување на сторителите.
Министерот за инфраструктура соопшти дека дневно преку оштетената рута, која минува низ источниот град Лублин, поминуваат околу 115 возови.
