Тројца капачи, меѓу кои и едно дете, се повредени откако биле каснати од морска желка на плажите во Каштел Лукшиќ, на хрватското крајбрежје. Експертите велат дека станува збор за исклучително ретко и невообичаено однесување на овој строго заштитен морски вид.

Според информациите од Заводот за итна медицина, повредени се двајца возрасни и едно дете.

„Двајца од повредените се здобиле со површни рани, а третиот имал скршеница на раката и отворена рана на мускулот на задникот“, изјави д-р Антонија Жаниќ, раководителка на единицата на Заводот за итна медицина во Каштел Стари.

Според хрватските медиуми, станува збор за главеста морска желка, вид кој живее во северниот дел на Јадранското Море и е строго заштитен.

Експертите нагласуваат дека нема причина за паника, бидејќи главестата желка по правило не е агресивна и најчесто избегнува контакт со луѓето. Сепак, доколку се почувствува загрозена, може да нападне и да касне.

Постојат претпоставки дека во конкретниот случај можеби станувало збор за мажјак кој во близина на плажата барал женка за парење.

Од службите за итна медицинска помош апелираа сите што ќе се здобијат со ваков вид повреда веднаш да побараат лекарска помош.

Каснувањето е силно и болно

Карин Шпих од Центарот за опоравување на морски желки при Аквариумот во Пула вели дека ваквото однесување е многу необично.

„Можно е да барала нешто на површината, можеби храна. Морските желки главно се хранат на морското дно – јадат школки, морски ежови, морски краставици и ракови. Понекогаш јадат и медузи, па можеби затоа се движела кон површината“, рече таа.

Шпих објасни дека главестата желка нема заби, туку клун, но има исклучително силен загриз.

„Кога ќе се обидете да се повлечете, таа уште посилно стега. Човекот би требало да се обиде да се опушти, но тоа не е едноставно бидејќи каснувањето е болно“, вели Шпих.

Таа додаде дека главестите желки преферираат потопли води и дека нивниот метаболизам се забавува при пониски температури.

„Можно е да биле во плиткото бидејќи таму е потопло. Тие живеат во Јадранот милиони години и температурата не им пречела. Климатските промени им создаваат проблеми од други причини“, рече Шпих.

Експертите повторно апелираат капачите да одржуваат безбедно растојание доколку забележат морска желка, нагласувајќи дека ваквите инциденти се исклучително ретки.