Бројот на невработени во Германија во јули повторно се искачи над три милиони лица, покажуваат податоците на Федералната агенција за вработување со седиште во Нирнберг.
Во земјата минатиот месец биле регистрирани 3,007 милиони невработени, што претставува зголемување за 71.000 лица во споредба со јуни и за 28.000 лица повеќе во однос на јули минатата година, пренесува „Ханделсблат“.
Стапката на невработеност исто така бележи раст и се зголемила за 0,2 процентни поени, достигнувајќи 6,4 проценти.
Членот на Управниот одбор на Федералната агенција за вработување, Даниел Терценбах, оцени дека зголемувањето на бројот на невработени во јули главно се должи на сезонски фактори, но посочи дека слабите движења на германскиот пазар на трудот продолжуваат веќе неколку месеци.
Вообичаено, бројот на невработени во Германија расте во јули поради почетокот на летниот период. Тогаш голем број млади луѓе по завршувањето на школувањето или стручната обука привремено остануваат без работа, додека на дел од работниците им завршуваат договорите на крајот од кварталот. Дополнително, работодавачите често ги одложуваат новите вработувања до завршувањето на сезоната на годишни одмори.
Границата од три милиони невработени во Германија последен пат беше надмината во април, кога биле евидентирани околу 3,008 милиони лица без работа.
