Невреме со силен пороен дожд и засилен ветер попладнево го зафати главниот град, а нестабилно време е регистрирано и во повеќе други делови од државата.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека распространета нестабилна облачна маса од североисток, со движење кон југозапад, ја зафатила Скопската Котлина, при што има поинтензивни процеси со пороен дожд, ретки грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на суградица.

Освен во Скопје, според радарската слика, врнежи од дожд има претежно во планинските региони, а пороен дожд е регистриран и во околината на Велес, Пробиштип, Свети Николе и во Валандовско.

Според мерењата на УХМР, во 14 часот најниската температура од 10 степени е измерена на Попова Шапка, а највисоката, 27 степени, во Гевгелија.

Нестабилното време со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме ќе продолжи во текот на целиот викенд. Од понеделник се очекува и понатаму нестабилно време со изолирана појава на пороен дожд и грмежи.

Краткотрајна стабилизација на времето се очекува во вторник и среда, кога ќе биде претежно сончево и релативно топло, а од четврток повторно се најавуваат нови врнежи и промена на временските прилики.