Вкупно 15 лица се повредени во силното невреме што попладнето го зафати Скопје и биле згрижени во две здравствени установи. Девет пациенти се примени на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а шест на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, изјави за МИА дека од деветте повредени, две лица се со потешки повреди.
Една жена со повреда на главата е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека друга пациентка се здобила со скршеница на раката.
Директорот на Клиниката „Св. Наум Охридски“, д-р Небојша Настов, информираше за МИА дека шесте пациенти примени во оваа установа имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски.
Тој посочи дека тројца од повредените по извршениот преглед се пуштени на домашно лекување, додека тројца сè уште се во фаза на дополнителни испитувања.
„Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повреден од паднати керамиди“, изјави д-р Настов.
Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, изјави за МИА дека во оваа болница не биле примени лица повредени во невремето, но дека установата претрпела значителна материјална штета.
Тој нагласи дека конечната проценка ќе биде позната по увидот на надлежните служби.
„Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција. Тоа е она што можам да го кажам од првичниот увид“, изјави Стојаноски.
