Во силното невреме што го зафати Скопје биле повредени 33 лица, а материјална штета била предизвикана и на здравствени установи во Скопје и Штип. Сите повредени се во стабилна состојба. Во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ медицинска помош побарале 22 лица, од кои двајца биле задржани на болничко лекување, додека во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, биле примени уште 11 лица, од кои тројца со скршеници.
Невремето ја оштетило старата кровна конструкција на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, но работата во установата не била прекината. Значителна штета била предизвикана и на кровот на Клиничката болница во Штип, каде што биле погодени Одделот за ортопедија и ортопедската операциона сала. До санирањето на штетата, пациентите со скршеници од Источниот Регион привремено ќе бидат упатувани во други здравствени центри за навреме да го добијат потребниот третман.
Хоспитализираните пациенти од оштетениот дел на штипската болница биле преместени во безбеден дел од објектот. Останатите медицински услуги продолжуваат да се извршуваат нормално, бидејќи болницата располага и со други операциони сали. Во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ имало паднати дрвја, а паднати дрвја биле регистрирани и во Психијатриската болница во Бардовци, каде што немало повредени. Краткотрајниот прекин во снабдувањето со електрична енергија бил отстранет.
Здравствените објекти се осигурени, а осигурителните компании веќе ја проценуваат предизвиканата штета. По завршувањето на процената ќе почне обновувањето на оштетените кровни конструкции, со цел здравствените установи непречено да продолжат со работа.
