Ќе згасне акционерското друштво за енергетика на Град Скопје „Градски енергетски системи“ (ГЕС), кое беше формирано од ексградоначалникот Петре Шилегов и требаше да ја преземе дистрибуцијата на парно греење. Поради незаинтересираноста за него на градоначалничката Данела Арсовска и необезбедувањето пари за негово функционирање, раководството и акционерите побараа да се донесе одлука за престанување со работа – објави СДК.
Директорот на акционерското друштво Гоце Трпчевски пред советниците во Советот на Град Скопје на собранието на акционери рече дека поради незаинтересираноста на градоначалничката Арсовска, ГЕС не може да функционира и затоа плаќа казни. Нема вработени, сите си дале откази бидејќи со месеци не земале плати. Цела година не се усвоени годишните извештаи и завршната сметка за 2021 година, а веќе е завршена и 2022 година.