СДСМ реагира на реториката на премиерот

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Јегуновце, упати директни критики до премиерот Христијан Мицкоски. Филипче посочи дека Мицкоски зборува за омраза, додека самиот тој е извор на деструктивна реторика која дели и дестабилизира.

„Мицкоски вчера вели СДСМ имал патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски зборува за омраза – а сам е извор на омраза. Цела година навредува, понижува, го дели народот и сите кои ги критикуваат неговите очајни политики ги нарекува глодари и лешинари. Цела година го храни стравот, се заканува, плука по секого – па после глуми жртва кога народот ќе му ја врати вистината“, истакна Филипче.

На трибината, Филипче истакна дека граѓаните го презираат премиерот поради лагите и манипулациите:

„Никој тебе не те мрази, Мицкоски – туку те презира. Те презира за сите лаги и безочни манипулации кои ги сервираш секогаш кога ќе бидеш соочен со неуспех или вистина која те боли. Те презираат оние кои со лаги ги измами за да дојдеш на власт, а потоа не исполни ништо. Те презираат сите кои веруваа дека си човек од народот, а испадна дека си најарогантниот премиер кој го имала Македонија.“

Филипче додаде дека обидите за замолчување и страв се залудни:

„Никого нема да замолчиш. Никого нема да исплашиш со заканите и пропагандата – затоа што одамна си прочитан. СДСМ нема да молчи пред политичар што ја валка Македонија со омраза, што шири поделби, што мисли дека патриотизмот е да ги хушкаш луѓето еден против друг. Од таквиот патриотизам се сведовме на земја без иднина, без развој, во која сè што правиш ти и твоите е стратегија како да се одржите на власт“, заклучи Филипче, додавајќи дека граѓаните очекуваат решенија, правда и достоинствен живот.