– Македонија е убедливо на најдолното, последно место по вакцинација на населението не само во регионот туку во цела Европа и за жал во неславните први места по бројот на смртност. Тоа се одразува на луѓето, на економијата но и на здравствената битка. Секојдневно луѓето се борат да најдат контакт до некој доктор, до медицинска сестра да им прижи првична помош, да можат да се изборат со коронавирусот, посочи Николоски.
Тој се осврна и на ситуацијата со тешките случаи на Ковид-19 за коишто нема место во некоја од болниците.
– Тоа е тажната слика којашто и се случува на Македонија. Еден целосен колапс на здравствениот систем како резултат на оваа корумпирана власт. Македонија нема вакцини и како што стои работата уште долго време нема да ги има. Причината е јасна, имаме неспособни и корумпирани, не знаат од каде да ги набават а таму каде што успеаа пробаа да земат мито и затоа граѓаните не се вакцинираат, појасни потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски појасни дека да не се донациите од Србија и тоа минимум коешто го има сега немаше да го има.
– Оваа неспособна власт наместо да се потруди да најде вакцини и да ги отвори македонските градови и села и да ја отвори економијата прави чекори спротивни на тоа. Гледаме изјава на министерот за економија, Крешник Бектеши којшто вели дека не го интересира дали ќе се отвори границата кон Грција или не и дека нема што тој да направи, иако отварањето на границата е значајно и суштински битно за Гевгелија и за сите околни места. Суштински значајно за економијата е да се отворат границите, а границите не се отвараат затоа што Македонија нема вакцини и останува црна дупка, констатираше Николоски.
Тој посочи дека на српските државјани дури им се препорачува кога ќе патуваат во Грција да ја избегнат Македонија и да патуваат низ Бугарија.
Николоски најави и средба со просветните работници од Гевгелија.