Отворивме фронт за работа на автопатските делници што ги гради конзорциумот “Бехтел и Енка” за 90 % во 2025 споредено со 2024 година. За оваа година очекувам нов раст од 70 % споредбено со 2025, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во поткастот „Ноќно студио“, нагласувајќи дека проектот се движи со очекуваната динамика.
“Сега, со оглед на тоа дека завршните сметки се готови, можете да видите дека Бехтел има 90% раст кога ќе ги споредите 2024 со 2025 година, што значи дека она што го кажуваме во јавност, дека ние им ги отворивме фронтовите за работа и им ги овозможивме сите услови да работат, се покажува на дело, а оваа година очекувам дека ќе имаат некаде 70% раст, во споредба со минатата. Значи, проектот расте, како што треба да расте, се обидуваме да ги надминеме слабостите од минатото. Ние наследивме проект кој што имаше 0 % експропријација, нула дислокација на водови и каде што освен потпишување на договори немаше никакви активности на терен” истакна Николоски.
Тој информираше дека веќе се работи на делниците Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, додека реализацијата на автопатската делница Требеништа-Ќафасан, ќе зависи од процедурите и одлуките поврзани со УНЕСКО.
“Почнавме со активности на терен и на Прилеп-Битола и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани, ситуацијата на Требеништа-Ќафасан зависи од УНЕСКО, но и таму имаме решенија доколку добиеме зелено светло”, посочи вицепремиерот Николоски
