-Комуникација помеѓу двете политички партии е неопходна, мора да има. Овој процес на поларизација мора да се намалува, за жал мислам дека се отиде предалеку. Имаме една тема која што мора да ја ставиме на маса, а тоа е дека политичката ситуација е неодржлива и ќе заврши со предвремени избори. Прашањето е колку долго ќе се одлагаат тие предвремени избори, и ќе се мачи народот и јавност. Сметам дека треба да се направи еден разговор на кој што ќе се определи датум за предвремени парламентарни избори, нагласи Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во Утрински Брифинг.

Николоски додаде дека во Владата сега е комплицирана ситуацијата, имате СДСМ која што изгуби на избори, Алтернатива нов партнер која што исто така изгуби на избори, и ДУИ која што победи на избори.

-Од другата страна во опозиција ги имате ВМРО-ДПМНЕ која што победи на избори, БЕСА која што победи на избори онаму каде што се натпреваруваа и Алијанса на Албанците која што победи на избори каде што се натпреваруваа, појасни Николоски.

Николоски посочи дека прашање број еден кое треба да се реши во јавноста е дали оваа Влада ќе продолжи или не.

-Ако не продолжи оваа Влада и не се оди на предвремени избори, прашањето на легитимитет на Владата се поставува но исто така тука е прашањето и со кои луѓе условно кажано новиот претседател на СДСМ би составувал Влада. Ако нема вонредни избори, а јас се надевам дека ќе ги има и дека нема да има потреба да одиме на следните чекори, улицата е секогаш природна средина за опозицијата, рече Николоски.

Николоски укажа дека идејата за рамен данок која што даде во даден временски период некаде 2007-2008 година одлични ефекти. Многу држави започнаа да ја следат Македонија и станаа конкуренција намалија прво на 15 па на 10%. Веќе Македонија не е со најнизок данок и ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се намали на 8%. Да се намали основицата за даночно зафаќање затоа што оваа Влада на одреден начин го зголеми данокот иако тој номинално остана ист на начин што ја зголеми основицата на оданочување. И во суштина на зголемена основица на оданочување данокот е сега меѓу 15-17%, а не 10%.