Македонија може да очекува инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во блиска иднина. Ова го изјави вицепремиерот Александар Николоски, кој е дел од владината делегација што престојува во работна посета на ОАЕ. Според него, веќе се потпишани неколку клучни договори што претставуваат основа за идна економска и трговска соработка.
„Очекувам дека во блиска иднина ќе видиме инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во Македонија. Потпишани се неколку договори за економска соработка кои претставуваат предуслов за следните чекори. Особено е значајно тоа што Дубаи се профилира како извозен центар кон Истокот. Тоа отвора голема можност за домашните извозни компании да ја користат поддршката и логистиката што ја нуди Владата на ОАЕ“, истакна Николоски.
Како што појасни вицепремиерот, Дубаи станува клучна платформа за трговија кон Истокот. Ова е од посебно значење за македонските компании во услови на нестабилна глобална економија и геополитички ризици.
„Станува збор за можност што е комплетна новина за македонскиот бизнис. ОАЕ, особено Дубаи, стануваат логистички и економски центар за трговија кон Истокот. Во овие комплексни времиња, тоа претставува сериозна предност. Македонските извозници можат да го користат системот и институциите на ОАЕ како сервис и поддршка за отворање на нови пазари, кои досега не биле достапни“, посочи Николоски.
На средбите во Шарџа и Дубаи се потпишани договори што ја покриваат не само економската соработка, туку и образованието, културата, заштитата на странски инвеститори и одбегнување на двојното оданочување. Тие, според Николоски, се предуслов за преминување во следната фаза – реализација на конкретни инвестиции од Обединетите Арапски Емирати.
По средбите со стопанските комори, вицепремиерот издвои неколку клучни сектори во кои има зголемен интерес од инвеститорите од Обединетите Арапски Емирати.
„Морам да нагласам дека фокус број еден е туризмот. Тој забележува сериозен раст, а потенцијалот што го нуди Македонија е веќе препознаен. Интересот се проширува и на инфраструктурата, каде што коридорите 10, 8 и 10Д се гледаат како локации со голем инвестициски потенцијал. Дополнително, тука се и секторите за земјоделство и недвижности. Сите овие области се идентификувани како приоритетни од страна на ОАЕ“, изјави Николоски.
Според вицепремиерот, престојната фаза ќе донесе конкретизирање на соработката со Обединетите Арапски Емирати. Има инајава за официјална делегација на ОАЕ во земјава.
„Очекувам дека во периодот што следи ќе преминеме кон втората фаза. Тоа значи реализација на конкретни проекти и пристигнување на делегација од ОАЕ во Македонија. Убеден сум дека наскоро ќе видиме и директни инвестиции во земјата“, додаде Николоски.
Извор: Курир