„Кога се смени власта, кога учествувавме во сите тие процеси, мислам дека требаше многу поаналитички да се пристапи како понатаму ќе оди државата. Потенцијалот што можеше многу повеќе да го покаже партијата не го искористи. И тоа можеме да кажеме на кадровскиот потенцијал и на проектите што требаше да ги реализира. Јас лично мислам дека тие што учествувале, што живееле, што доживувале тоа што се случува, целата ситуација, што внатре биле, што ги согледувале ситуациите, што мислеле поинаку, многу малку добија шанса за да бидат во власта. А, дел од луѓето дојдоа за време на „Шарена револуција“ и станаа функционери. Од тука јас мислам дека СДСМ можеше да направи една комбинација од тие луѓе, и од другиве, и мислам дека работиве можеби поинаку ќе се развиваа“, истакна Марјанчо Николов, советник од редовите на СДСМ во Велес во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Николов додаде дека амбасадорката на САД е на почетокот на својот мандат и една од првите изјави кои што ги даде кога дојде во Македонија се однесуваше на борбата против корупцијата. И на еден начин го кажа тоа дека од САД не се задоволни од тоа кое е нивото на корупцијата во државата, дека е доста високо и дека не се задоволни од начинот како Македонија се справува со истата таа корупција. Тоа доволно јасно зборува за сериозноста на пораката бидејќи еден нов амбасадор кој што треба да се придржува до одредени дипломатски норми, отворено и јавно да го каже, тоа е сериозна порака.

„Мора да биде константен тој процес на подобрување на борбата со корупцијата. Секој треба да си ја сфати својата улога во тој систем. Ако затаиме, ќе добиваме вакви пораки, за жал кои што не носат добра слика за нашата држава. Знаете што значи еден дипломатски претставник на водечка земја во светот да каже дека државата има висока корупција? Амбасадорката исто така на Германија дури посочи и на најобичната корупција, каде што запраша зошто граѓанинот ако оди на лекар мора да се подмити. Кога ќе зачепкате во тие процеси не може вие за едни имотни правни односи или за една меѓа, за едно ќоше 10 години да се тужите. Тоа само по себе ја губи вербата и во судскиот систем“, рече Николов.

Николов посочи дека кога ќе се случи некоја афера или пак скандал одговорниот треба да одговара пред граѓаните и пред законот. Тогаш граѓаните нема да се разочаруваат во системот.

Во текот на своето гостување Николов се осврна и на енергетската криза и за тоа како власта се справува.

„Каде е Чебрен? Каде е таа хидроцентрала? Таа во регионално ниво значи многу, и дава на Македонија на важност во делот на балансирањето на енергијата. Дали сме ние спремни да го одржиме РЕК Битола затоа што немаме базна енергија, стратегија на државата да се воведат најсовремени методи на заштита на животна средина, кои што чинат многу. Еве на пример десулфуризација и замена на електростатските филтри чинат околу 160 до 200 милиони евра. Е, сега дали вие ќе ги вложите таму бидејќи ви треба базна енергија или ќе се решите да правите друг капацитет, каде е тоа како стратегија“, запраша Николов.

Тој нагласи непочитувањето и немањето на визија доведе Македонија да е во енергетска криза.

„Држава без сопствена енергија и сопствена храна е подложна на многу ризици и на многу влијанија“, укажа советникот.

Николов на прашањето на уставни измени нагласи дека позициите на двете партии се доста јасни, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи, а СДСМ дека ќе ги гласа и за истите повикува да се гласа.

„Ставот на Социјалдемократскиот сојуз е дека треба да се продолжи со уставните измени. Јас лично сметам дека треба двете македонски партии да седнат и да решат првата варијанта, го менуваме Уставот и оттука натака нема други отстапки. Црвени линии без разлика кој ќе биде на власт. Ништо понатака“, нагласи советникот.