Македонскиот дипломат и поранешен амбасадор Ристо Никовски во вечерашното интервју во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа, вели дека она што го направил Драги Рашковски при набавка на софтвер е злоупотреба на службената положба, но и тоа што не одговора и се толерира е пример за толеранција де факто целокупен заеднички криминал.
Ова што се случува со Рашковски со купување на таа опрема е класичен пример на толеранција на де факто целокупен заеднички криминал. Во суштина основното прашање е која е логиката Генералниот секретар на владата да купува нешто за други министерства? Па сите министерства си имаат свои буџети, свои потреби и на крајот не е нивна работа за такво нешто. Тоа е злоупотреба на службената должност. И никому ништо, рече Никовски.
Претходно беше со хеликоптерите, по која логика генералниот секретар ги решава тие проблеми. Тој нема никаква врска. Кога ќе се земе Уставот кога ќе се земат законите, ако вие работите нешто надвор од вашиот делокруг на работење, вие го кршите законот. Чим го кршите законот, тоа е криминално дејство, истакна Никовски.
Според Никовски шефот на извршната власт е тој кој што треба да побара одговорност.
Никовски вели дека неетичко е однесувањето на двајцата високи функционери Драги Рашковски и Љупчо Николовски за користење на одмор во ситуација кога државата се соочува со здравствена криза.
Секој има право на одмор, меѓутоа во ситуација на криза, во ситуација кога се работи за живот и смрт, ти да се дрзнеш и да одиш некаде, тоа во најмала рака неетичко, неприфатливо, смета Никовски.