Во СДСМ владеат паника, очај и конфузија, а лидерот на партијата Венко Филипче безуспешно се обидува да најде кандидат за градоначалник на Град Скопје, обвини ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
- „СДСМ и Филипче се во паника бидејќи ниту на оглас не можат да најдат кандидат за градоначалник на град Скопје, па по цели денови бараат решение и молат луѓе да прифатат кандидатура, но никој не сака да се впушти во битка која е однапред изгубена. Во СДСМ се свесни за катастрофалниот пораз што ги чека во октомври, бидејќи ги гледаат резултатите од анкетите, кои покажуваат сооднос 5:1, во корист на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, СДСМ и нивните потенцијални кандидати се соочуваат со историски најнизок рејтинг, а партијата го изгубила кредибилитетот кај граѓаните на главниот град.
„Скопје ги знае СДСМ по неработење, криминал, неспособност и токму затоа граѓаните ја изгубија довербата во партијата предводена од Филипче. А и тој лично знае дека го чека дебакл уште во првиот изборен круг. Филипче очајно се обидува да најде лице кое ќе прифати да биде дел од бродот што тоне и да го сноси поразот додека рејтингот им е на ниво на статистичка грешка“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.