Двете конфекции во Свети Николе имаат проблем да најдат текстилни работници. Просечната плата е 30 илјади денари, сопствениците нудат по 5.000 денари на работник ако им донесе нов квалификуван работник, но обично се утврдува дека не знаат да работат со машина. Една од причините, според сопствениците, е „кражба“ на работниците од страна на ТИРЗ Штип.

„Доаѓаат пред се луѓе за рачна работа, кои не се нафаќаат да работат на машина, кои немаат искуство во машинска работа. Значи не сме целосно задоволни од тоа што направивме, па ќе мора да измислуваме и други креативни начини, како да ги привлечеме работниците, на пример со зголемување на регресот за годишен одмор, вели за МИА менаџерот на АД „Мода”, Ангел Димитров.

Во светиниколските конфекции просечната плата е околу 30.000 денари, а од април ќе им се зголеми и за дополнителни 10 проценти. Прашан дали понудената плата и мотивација ќе бидат примамливи за работниците кои работат во ТИР зоната во Штип, а секојдневно патуваат на релација Свети Николе-Штип, Димитров истакна дека во изминатите десет години компаниите во ТИР зоните се главна конкуренција на македонските компании кои, како што вели, не плаќале даноци и придонеси на работниците.

„Тие на таа основа остварија огромни профити, за разлика од нас кои плаќаме придонеси, но работниците отидоа таму. Тоа е веќе завршена работа и мислам дека платите во ТИР зоните не се значително подобри од нашите плати и ако се земе предвид начинот на работа таму е каде што се работи на нога, цел ден. Мислам дека може да се случи да се вратат работници од ТИР зоните во нашите компании“, додаде Димитров