Сообраќајот на граничните премини меѓу Македонија и Грција повторно се одвива нормално по завршувањето на денешниот четиричасовен штрајк на грчките цариници. На граничниот премин „Дојран“ во моментов се регистрира кратко задржување, при што возачите чекаат околу 15 минути за влез во Македонија и околу 30 минути за влез во Грција.
Од Граничниот премин „Дојран“ информираат дека штрајкот, кој се одржа од 5:00 до 9:00 часот по македонско време, не предизвикал значителни застои, бидејќи граѓаните биле навремено информирани и дел од нив ги одложиле патувањата.
„Немавме зголемена фреквенција на сообраќај во периодот од 5:00 до 9:00 часот. Очигледно граѓаните беа информирани, па почнаа да пристигнуваат по 9:00 часот. Во тој период возилата периодично се пропуштаа од грчка страна“, изјавија од ГП „Дојран“.
Од Министерството за внатрешни работи, исто така, соопштија дека нема поголеми застои на трите гранични премини со Грција и дека бројот на патници кои влегуваат и излегуваат од земјата е во рамки на вообичаеното ниво.
Според податоците на МВР, на граничниот премин „Дојран“, во периодот од вчера до денеска напладне, во Македонија влегле 1.523 македонски државјани, додека 210 ја напуштиле државата. Во истиот период, влез во земјата оствариле 1.386 странски државјани, а излез имале 1.824 лица.
На најфреквентниот граничен премин „Богородица“, во истиот период, регистриран е влез на 4.511 македонски државјани, а излез на 3.953. Кога станува збор за странските државјани, 7.462 лица влегле во Македонија, додека 8.154 ја напуштиле земјата.
Денешниот штрајк ги опфати трите гранични премини меѓу Македонија и Грција – „Евзони“ („Богородица“), „Дојрани“ („Дојран“) и „Ники“ („Меџитлија“). За време на прекинот, патничките возила беа пропуштани периодично, додека товарниот сообраќај беше целосно запрен за влез и излез од Грција.
