Право на пријавување имаат ученици кои завршиле прва и втора година средно образование
Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за прием на 200 редовни ученици во Средното полициско училиште „7 Мај“, кое функционира во рамки на Полициската академија.
На конкурсот можат да се пријават ученици кои имаат завршено прва и втора година средно образование. Доколку ги исполнуваат предвидените услови, тие ќе можат своето школување да го продолжат во Средното полициско училиште.
Кандидатите треба да бидат државјани на Република Македонија, да немаат наполнето 18 години на денот на објавувањето на јавниот повик, активно да го користат македонскиот јазик и да бидат здравствено и психофизички способни.
Кандидатите мора да исполнат повеќе услови
Од МВР посочуваат дека кандидатите треба да имаат најмалку општ успех „добар“ во двете завршени години од средното образование.
„Исто така, општиот успех во двете завршени години средно образование треба да биде најмалку ‘добар’ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето во кое ги завршил прва и втора година средно образование“, посочуваат од МВР.
Можно е да продолжи и едногодишната обука за полицајци
Од Министерството информираат дека, во зависност од потребите на институцијата, ќе постои можност паралелно да продолжи и досегашната основна обука за полицаец, која трае една година.
