Министерството за внатрешни работи алармира за зачестени случаи на телефонски измами во кои измамници со помош на вештачка интелигенција го имитираат гласот на член од семејството, пријател или претставник на институција и бараат пари, лозинки или лични информации.

Се работи за т.н. „spoofing“, при што се користи туѓ телефонски број, а преку технологија за синтетички говор се реплицира препознатлив глас. На тој начин жртвата е убедена дека разговара со блиска личност или со доверлив претставник.

Надлежните апелираат граѓаните веднаш да го прекинат повикот ако се посомневаат дека станува збор за измама и потоа да ја контактираат личноста на нејзиниот вистински број. Одлуки не треба да се носат под притисок, ниту пак да се споделуваат лозинки, пин-кодови или други чувствителни податоци.

„Чувајте ја својата безбедност – гласот кој го слушате можеби не припаѓа на личноста за која мислите дека зборувате“, предупредуваат од МВР. Секој сомнителен случај треба веднаш да се пријави во полиција.