Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД би можеле повторно да го нападнат Иран, откако, како што рече, примирјето повеќе не важи. Од Техеран брзо возвратија со предупредување дека Ормускиот Теснец би можел целосно да биде затворен доколку следуваат нови американски напади.
Трамп ја даде изјавата на Самитот на НАТО во Анкара, каде порача дека Вашингтон е подготвен повторно да дејствува против Иран.
„Го удривме Иран многу, многу силно ноќеска и веројатно ќе го удриме силно и вечерва. Им дадов мало предупредување“, рече американскиот претседател.
Тој повтори дека на Иран не смее да му се дозволи да поседува нуклеарно оружје.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет најави дека евентуалните идни операции би можеле да бидат насочени подлабоко во иранска територија.
Од иранска страна, безбедносен извор за државната телевизија „Прес ТВ“ изјави дека секој нов американски напад ќе биде проследен со затворање на Ормускиот Теснец.
„Новата иранска стратегија е дека по секој напад, Ормускиот Теснец ќе биде целосно затворен“, навел изворот.
Ормускиот Теснец е еден од најважните поморски коридори во светот. Низ него минува значителен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас, поради што секоја закана за негово затворање предизвикува загриженост на глобалните пазари.
Истиот ирански извор предупреди дека Техеран ќе возврати уште посилно на секој следен напад. Тој порача дека Иран нема да прави разлика меѓу САД и нивните регионални партнери.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда соопшти дека погодила десетици американски воени цели во Бахреин и во Кувајт. Според соопштението, нападите биле одговор на најновите американски операции.
Трамп, пак, порача дека повеќе не гледа смисла во преговорите со Техеран.
„Не сакам повеќе да се договарам со нив. Што се однесува до мене, сè е завршено“, изјави американскиот претседател.
Тој повторно спомена можност за дополнителен притисок врз Иран, вклучително и враќање на мерки што би можеле да го погодат поморскиот сообраќај и извозот на земјата.
