Договорот, вреден 900.000 евра го потпишаа швајцарскиот амбасадор, Адријан Мајтре и директорот на Фондот за Западен Балкан, Ѓерѓи Мура, а се однесува за поддршка на активностите на Фондот за следните пет години.

-За да се постигне мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан, првиот услов е целиот регион и неговите граѓани меѓусебно да соработуваат. Фондот за Западен Балкан помага за кохезијата во регионот и придонесува за интеграција во ЕУ, рече амбасадорот Мајтре.

Директорот на Фондот, Мура изрази подготвеност за натамошно партнерство меѓу земјите.

– Ние ќе го зачуваме и унапредуваме ова партнерство како нешто многу вредно. И ве уверувам дека Секретаријатот на Фондот за Западен Балкан, кој ги застапува шесте министерства за надворешни работи од Западен Балкан, има целосна волја и мотивација да биде сериозен и сигурен партнер во овој процес, бидејќи ние се обврзуваме на моделот луѓе со луѓе во овој регион, за доброто на сите, рече Мура.

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, претставувајќи го претседателството на Конференцијата на министрите за надворешни работи кое раководи со Фондот за Западен Балкан, искажа благодарност за оваа поддршка.

-Благодарни сме за оваа поддршка, што покажува колку стана стабилно партнерството во Фондот за Западен Балкан и колку е трансформиран во долгорочна соработка. Во име на шесте договорни партнери, ве уверуваме во нашата целосна посветеност во полза на народите од Западен Балкан, рече Марковски.

Со новиот договор, покрај зајакнувањето на организациската структура и управувањето, швајцарската поддршка ќе се насочи и кон поефикасно финансирање на заеднички проекти и иницијативи во регионот.

Фондот на Западен Балкан е прв фонд создаден од владите на земјите во овој регион, Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

Финансиски поддржува мали и средни проекти со главна цел зголемување на регионалната и прекуграничната соработка и јакнење на регионалната кохезија во четири клучни области, образование и научни размени, културна соработка, прекугранична и младинска соработка и одржлив развој.

Членовите на персоналот доаѓаат од Скопје, Белград, Подгорица, Приштина, Сараево и Тирана.