Опасноста во Хималаите не стивнува ниту по разорните поплави во кои животот го загубија најмалку 362 лица. Непалските и кинеските власти предупредуваат дека две езера од двете страни на границата се полнат со вода и би можеле да се излеат.
Речиси 1.000 лица и натаму се водат како исчезнати, додека спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по преживеани и исчезнати во долините и планинските подрачја прекриени со урнатини.
Двете земји соопштија дека катастрофалните поплави биле предизвикани од уривање на глечер. При тоа, огромни количества карпи, мраз, кал и други остатоци биле турнати во планинските речни текови.
Непалската управа за управување со катастрофи денеска предупреди дека езеро настанато откако урнатините го блокирале речниот тек продолжува да расте. Поради тоа, постои опасност од негово излевање.
Властите ги повикаа жителите во пониските подрачја, патниците и спасувачите да бидат особено внимателни. Од нив било побарано да се оддалечат од речните корита и од подрачјата во кои постои ризик.
Во меѓувреме, Кина предупреди дека во следните три дена околу три милиони кубни метри вода би можеле да се влеат во езеро на нејзината страна од границата. Според кинеските власти, тоа создава висок ризик од негово пробивање.
Најголемиот проток се очекува околу 1 септември. Дополнително, временската прогноза за следната недела би можела да ја зголеми опасноста, предупредија кинеските власти.
„Количината на вода продолжува да расте, како и ризикот“, изјави истражувачот Жу Џинфенг од одделот за хидрологија при кинеското Министерство за водни ресурси.
По предупредувањата, дел од спасувачите во Непал почнаа да се повлекуваат кон повисоките места. Спасувачот Паван Коирала, кој со својот тим од 13 лица се оддалечил од речниот тек, изјави дека нивната цел е да продолжат со спасувачките активности, но без да се изложуваат на дополнителна опасност.
