Тоа што СДС отвора разно разни теми со цел да дефокусираат од трагичната смрт на малата Вања и велешанецот Панче, говори дека сакаат да сокријат пропусти во истрагата кои можеле да го спречат грабнувањето и смртта на девојчето, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Имено Спасовски и МВР со денови молчат и кријат дека возилото на настраданиот велешанец три дена било во Скопје пред кобниот 27 ноември. Тие не кажуваат зошто ова возило не било пријавено со централна објава иако кога било нотирано исчезнувањето на Панче, бил пријавен за исчезнат и неговиот цитроен. Спасовски и МВР молчат и не кажуваат дали е точно дека на 24 ноември возилото е забележано на камерите на Сејф Сити во населбата Маџари во Скопје, а потоа и следниот ден на 25 ноември, три, односно два дена пред да се случи трагичниот настан. Дали ако полицијата реагирала навреме, односно ако истрагата за исчезнувањето на велешанецот Панче се спроведувала соодветно, немало да се случи грабнувањето на Вања?
И на крајот, Спасовски и МВР треба да кажат како е возможно возило на исчезнато лице, возило пријавено во МВР да помине на десетици метри од најобезбедуваниот периметар во Македонија и во регионот во тоа време, непосредно во близина на хотелот Александар Палас. Буквално на Спасовски му поминале пред нос.
Ова се сериозни прашања кои МВР, Спасовски и СДС треба да одговорат. Тие може да фрлаат магла, да дефокусираат, да манипулираат, но јавноста бара одговори и одговорност. Неказнивоста на Палевски и неговата група, поради тоа што полициски структури блиски до СДС го штителе, во комбинација со пропусти и грешки во водењето на истрагата за првото и второто грабнување и убиство, доведоа до ваквата трагедија.