Преку доделувањето на 55.000 ваучери во вредност од 250 евра за набавка на електронски уреди, на студентите им беше овозможен полесен пристап до современа технологија и дигитални алатки. Паралелно се инвестира и во подобрување на условите за сместување на студентите, при што реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје беше пуштен во употреба во септември годинава, со капацитет за сместување на 1.150 студенти, а во тек е и реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, инвестиција вредна околу 10 милиони евра.
Од владејачката партија посочуваат дека уште од самиот почеток на мандатот, Владата преку конкретни мерки и проекти покажува дека младите генерации се еден од клучните приоритети во општеството. Се креираат поквалитетни услови за образование, се унапредува студентскиот стандард и се отвораат нови можности за вработување, самовработување и професионален развој на младите кадри. Како дел од тие мерки е и воведувањето на специјална студентска картичка што ќе овозможи повеќе бенефиции, меѓу кои и 20 отсто пониски цени за користење на дигиталните услуги достапни преку националната платформа М-услуги.
Надлежните државни институции веќе координирано работат на воведувањето на картичката, за што ќе биде обезбедена соодветна законска регулатива. Целта е студентите да добијат дополнителни поволности покрај редовното усогласување на субвенционираниот студентски оброк со стапката на инфлација. Инвестициите опфаќаат и темелна обнова на студентските домови, при што санацијата на домот „Кузман Јосифовски-Питу“ претставува дел од програмата за целосна реконструкција на девет студентски домови низ целата земја. Овој капацитет за 280 студенти се очекува да ги отвори вратите за вселување од први февруари следната година.
Во рамки на модернизацијата, паралелно започна и процесот на целосна дигитализација на универзитетите и воведување електронски индекс за поефикасно и современо високо образование. За подобро поврзување на студентите со пазарот на трудот беа реализирани практикантски ангажмани во единиците на локалната самоуправа. Во рамки на владините оперативни планови за вработување се одвојуваат 40 милиони евра за повеќе од 10.000 лица, од кои дури 32 милиони евра се наменети исклучиво за поддршка на вработувањето кај младите до 29 години.
