По најавената реконструкција на Владата, стануваат познати имињата на новите министри од редовите на Влен. Според информациите што ги објави „360 степени“, Јетон Шасивари ќе биде нов министер за правда, Седат Сулејмани ќе раководи со Министерството за култура и туризам, а Агон Ферати ќе биде нов министер за односи меѓу заедниците.

Влен добива три министерски позиции

Премиерот Христијан Мицкоски, по состанокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти во кои ресори ќе има кадровски промени во рамки на владината реконструкција.

На Влен, како дел од владината коалиција, ќе му припаднат Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, како и Министерството за односи меѓу заедниците.

Шасивари во Правда, Сулејмани во Култура

Според потврда од извор од Влен за „360 степени“, Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во Министерството за култура и туризам, ќе дојде на местото на Зоран Љутков.

Во Министерството за правда, досегашниот министер Игор Филков од ЗНАМ ќе ја отстапи функцијата на професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јетон Шасивари.

Нов министер за односи меѓу заедниците ќе биде Агон Ферати.

Беким Сали останува прв вицепремиер

По реконструкцијата на Владата, Влен ќе има едно вицепремиерско место. Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања.

Вицепремиерската функција за добро владеење, која досега ја извршуваше Арбен Фетаи од Влен, повеќе нема да постои во реконструираната влада. Оваа тема ќе се покрива од кабинетот на премиерот.